„Тоа што еден народ и една држава ја води напред не е сомнежот, туку вербата и довербата. Не е стравувањето, туку храброста и подготвеноста да се преземе ризик. Не е омразата и поделеноста, туку единството и заедништвото.”

Пелинце, 2 август 2004 год.

„Делото и доблеста на сите оние кои ја поднесоа најголемата жртва за сопствената држава секогаш ќе служат за пример на сегашните и идните генерации кои ќе го имаат истиот завет и задача пред себе – да ја сакаат и сочуваат Република Македонија.”

Охрид, 18 август 2006 год.

„Длабоко сум убеден дека нашата различност е нашата најголема вредност и дека секој од нас, без оглед на големината на земјата, нејзиниот степен на развој и географската лоцираност, може да понуди вреден придонес.”

Њујорк, 25 септември 2008 год.

123
123

Биографија

Во неговиот премиерски мандат Црвенковски како претседател на Владата ја поднесе апликацијата за членство на Република Македонија во Европската унија.
За време на претседателскиот мандат на Црвенковски, Република Македонија стана земја-кандидат за прием во ЕУ.

Бранко Црвенковски е роден на 12 октомври 1962 година во Сараево, Босна и Херцеговина. Неговото семејство се враќа во Скопје во 1963 година. Во главниот град тој завршил основно и средно образование.

Во 1980 година се запишал на Електротехничкиот факултет во Скопје, Oтсек за Информатичка технологија и автоматика, каде што се запознава со сопругата Јасмина, со која подоцна имаат две деца, Љупчо и Марија. Факултетот го завршува во 1985 година.

Активната политичка кариера на Бранко Црвенковски започнува во 1990 година, кога станува член на Претседателството на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). На првите парламентарни избори во 1990 година Црвенковски е шеф на Изборниот штаб на СДСМ. На овие избори тој е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија. Бранко Црвенковски е првиот претседател на Kомисијата за надворешна политика на Собранието.

Како пратеник во првиот состав на македонскиот парламент Црвенковски беше потписник на иницијативата за распишување референдум за независна Македонија. Во април 1991 година Црвенковски е избран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Изборот се случи на Првиот конгрес на партијата.

Во 1992 година, по изгласувањето недоверба на првата експертска влада на премиерот Никола Кљусев, Бранко Црвенковски стана претседател на Владата на Република Македонија.

Со само 29 години тој беше најмладиот шеф на влада во Европа. Како премиер и политичар, Бранко Црвенковски прв ја промовираше идејата за учество на партиите на Албанците во Владата на Република Македонија. Тој успеа да формира широка коалиција со Либералната партија, Социјалистичката партија и Партијата за демократски просперитет, во која членуваа само Албанци.

По прогласувањето на независноста, Република Македонија се најде во тешка економска и политичка ситуација, со висока стапка на инфлација, значителен социјален притисок и недоволна меѓународна поддршка. Владината коалиција успеа да ја стабилизира економијата и да го почне процесот на приватизација.

Првиот мандат на Црвенковски како премиер беше нецелосен и траеше до 1994 година кога се одржаа вторите парламентарни избори.

На изборите во 1994 година СДСМ оствари победа со освојување на 59 од вкупно 120 пратенички места. Тоа беше втор мандат за СДСМ во коалиција со Либералната партија, Партијата за демократски просперитет и Социјалистичката партија. Тогаш Црвенковски како лидер на Социјалдемократскиот сојуз, кој беше на чело на коалицијата што ја однесе победата, повторно ја доби довербата да ја предводи Владата.

Во периодот 1994-1998 Македонија успеа да стане член на повеќе меѓународни организации, како што се: Организацијата на Обединетите нации (ООН), ОБСЕ и Советот на Европа. Потпиша и договори со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка. Промовираше демократија, спроведуваше значајни економски реформи и привлече странски инвестиции. Првите чекори во евроатлантското интегрирање на Македонија беа направени во овој период: Македонија стана членка на Партнерството за мир на НАТО, а беа потпишани и СОФА- договорот и Договорот за економска и трговска соработка со Европската унија.

По поразот на парламентарните избори во 1998 година Бранко Црвенковски повторно се враќа во парламентарните клупи, но овој пат како шеф на опозицијата. Поради познатите настани од воениот конфликт во 2001 година, Социјалдемократскиот сојуз се приклучи кон Владата на политичко единство, која беше формирана со цел да запре кризата во земјата.

Црвенковски, заедно со тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски и со лидерите на Партијата за демократски просперитет, Имер Имери, и на Демократската партија на Албанците, Арбен Џафери, како и со претседателот Борис Трајковски, се потписници на Рамковниот договор.

На парламентарните избори во 2002 година СДСМ повторно ја освојува власта заедно со партнерите од коалицијата „За Македонија заедно“, при што неговите социјалдемократи заедно со политичките сојузници од коалицијата освоија 60 од вкупно 120 пратенички места во парламентот, а Бранко Црвенковски повторно стана премиер.

Во неговиот премиерски мандат Црвенковски како претседател на Владата ја поднесе апликацијата за членство на Република Македонија во Европската унија. За време на претседателскиот мандат на Црвенковски, Република Македонија стана земја-кандидат за прием во ЕУ.

Црвенковски е лидер на Социјалдемократскиот сојуз од 1991 до 2004 година. Прв пат беше избран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на партискиот конгрес во 1991 година и реизбран во 1995, 1999 и 2003 година.

На 12 мај 2004 година, Бранко Црвенковски стапува на највисоката должност во државата, претседател на Република Македонија. Оваа функција ја извршува до 12 мај 2009 година.